Младинската екипа на Еурофарм Пелистер направи голем успех и се пласираше на завршниот турнир во Лигата на шампионите во Келн.
Битолчани најпрво го торпедираа Келце и славеа со 37-29, а во драматичен натпревар го елиминираа и домаќинот Динамо Букурешт со триумфот 37-36.
Тренерот на македонскиот тим, Фарук Мемиќ, вели дека е прекрасно чувството по големиот успех.
„Ова е одличен успех за македонскиот младински ракомет и прекрасно искуство за мене како тренер. Првиот натпревар против Келце го добивме полесно од очекуваното со убедливо водство и одлична игра во текот на сите 60 минути каде што шанса за настап добија сите играчи во составот. Вториот натпревар беше далеку понеизвесен до самиот крај. Со оглед на тоа дека игравме со организаторот домаќин, кој што имаше подршка од солидната посетеност во текот на целиот натпревар, нашите момци одлично се снаоѓаа на теренот“, вели Мемиќ.
Следен предизвик треба да биде екипата на Веспрем, но тоа допрва ќе го потврди Европската ракометна федерација.
„Верувам во моите момци со кои функционираме како семејство. Самиот пласман на Ф4 турнирот во Келн е одличен успех за нас како клуб и држава. Младинските екипи дури и на ракометни великани се една непознаница за нас, меѓутоа не се предаваме и одиме во Келн да се надигруваме и да се претставиме во најдобро светло. Им честитам на моите играчи за оствареното, кое што беше еден вид мој роденденски подарок“, продолжи Мемиќ.
Битолчани покажаа дека квалитетно се работи во нивниот клуб и дека има репрезентативен потенцијал. Сепак само еден играч од оваа нивна генерација играше на ЕП за кадети во Црна Гора, каде Македонија заврши на 19 место и не се пласира на СП во Египет.
„Жалам што и покрај тоа што во македонските клубови поседуваме одлични играчи од генерација 2006/07 не успеавме да се пласираме на светското првенство во Египет“, заврши Мемиќ.
Мемиќ и Митревски ќе имаат долго време за да ги подготват нивните момци за најголемиот предизвик досега – дуелите со великани како Веспрем, Барса и ГОГ Гудме, на 14 и 15 јуни во Келн.