Прилеп e трет во Струга, а Трајкоски вели: Ова за нас е одличен резултат

Прилеп го освои третото место на турнирот во Струга, откако со 30-29 го победи домаќинот, а искусниот голман на прилепчани, Благојче Трајкоски е задоволен од прикажаното во оваа фаза од подготовките. Тој очекува исклучително израмнета битка за плеј-оф во Суперлигата и смета дека неговата екипа има со што да се вклучи во трката.

Еден од најискусните во составот, голманот Благојче Трајкоски, не го криеше задоволството од постигнатото, но потенцираше дека уште сега се гледа колку тешка ќе биде борбата за пласман меѓу најдобрите шест во новата сезона.

„Искрено се надеваме на плеј-оф и веруваме во тоа. Но, како што видовме и пред два дена против Бутел, а сега и против Струга, сите имаат сериозни екипи. Мислам дека нема два или три фаворити кои толку ќе се издвојат во борбата за плеј-оф“, вели Трајкоски.

Според него, разликите меѓу екипите кои ќе конкурираат за место во ТОП 6 се мали и секој бод може да биде важен.

„Ќе биде мртва трка, мислам до последното коло. Сите сме тука некаде, изедначени. Честитки до момците од Струга, а пред сè сакам да ги пофалам моите соиграчи за борбеноста. За нас ова е одличен резултат“, истакна голманот на Прилеп.

Прилеп во еден период од мечот имаше и висока предност, но Струга успеа да се врати и да внесе драма во завршницата.

Трајкоски причините ги гледа и во младоста на својот состав, но и во квалитетот на противникот.

„Од една страна малку се опуштивме. Ние сме добра, но сè уште млада и неискусна екипа и имаме многу млади играчи. Од друга страна, ниту противникот е наивен. Имавме период во кој ја искористивме нивната послаба игра и направивме поголема разлика, но потоа Струга ги консолидира редовите и почна да игра како што знае. Затоа на крајот дојде до таков резултат.“

За Прилеп третото место е добар поттик, но многу поважна ќе биде работата што следува до почетокот на официјалните натпревари. Следен турнир на кој ќе игра Прилеп е токму оној што тие ќе го организираат дома, веќе следната недела.