Струга го заврши домашниот турнир на четвртото место откако во неизвесна завршница загуби од Прилеп. По повеќе од една деценија Струга ја мина групната фаза со победа и играше за пласман во врвот. Никола Јукиќ смета дека на новоформираната екипа ѝ е потребно време, но потенцира дека желбата и борбеноста веќе се присутни.
За домашниот состав ова беше уште еден важен тест во периодот на воигрување на екипата, која има голем број нови ракометари. Еден од нив е Никола Јукиќ, кој потенцира дека резултатите во овој период не се најважни и дека пред Струга има доволно време за да ги поправи работите во играта.
„Најважно е да продолжиме да работиме. Имаме уште доста време до почетокот на сезоната и сигурно ќе продолжиме да работиме на сите работи кои треба да ги подобриме“, вели Јукиќ.
Струга во текот на турнирот покажа периоди на добра игра, но и осцилации кои се очекувани за екипа која неодамна е составена. Јукиќ, сепак, е задоволен од пристапот и верува дека со секој следен тренинг тимот ќе изгледа подобро.
„Тимски сè ќе си дојде на свое место. Борбеноста не недостига, желбата исто така не недостига. Треба само да продолжиме да се воигруваме“, истакна бекот на Струга.
За него нема потреба да се брза со заклучоци по подготвителниот турнир.
„Одиме од тренинг во тренинг, од натпревар во натпревар и сигурен сум дека сè ќе биде добро“, порача Јукиќ.
Струга зад себе има четири силни турнирски дена и повеќе натпревари кои треба да му помогнат на стручниот штаб да добие појасна слика за тоа што треба да се подобри пред почетокот на новата суперлигашка сезона. Следува период на воигрување пред почетокот на новата сезона.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























