Ракометарките на Ѓорче Петров ја продолжија победничката серија и запишаа нова победа во плеј-офот од Женската лига, но мораа добро да се испотат за да слават кај Куманово со 29-27.
Храбрите домаќинки одлично парираа во првото полувреме особено и константно беа во водство, а во повеќе наврати водеа и со по два гола. На пауза беше 15-14, но во вториот дел шампионот успеа да направи комплетен пресврт.
По 19-18 за Куманово, домаќинките останаа без тренерот Славиша Димитријески кон средината на вториот дел. Судиската двојка Ќаеви го исклучи Димитријески, кој мораше да се пресели на трибините.
Тој момент беше искористен од страна на гостинките кои со серија голови стигнаа до највисоката предност, 23-20. Сепак ова не ги демотивира домаќинките, кои стигнаа најпрво до реми, а потоа и до ново водство, 25-24.
Во последните пет се влезе со егал, 25-25. Вранчиќ погоди за Ѓорче, а потоа Кицеска и одбрани пенал на Шехтанска. Тоа го казни Ризоска за плус два, 27-25 и до крајот се играше гол за гол за конечна победа на Ѓорче Петров.
Стрелец на голот вреден два бода за 29-27 на десетина секунди до крајот беше Коларовска. На табелата, Ѓорче Петров сега има 19 бода, на второто место е Металург Автокоманда со 15, додека Чаир е трет со 13 бодови.