Откако го ангажираа Аце Станковски за тренер во претстојната сезона во прволигашката конкуренција, раководните луѓе на Вардар Неготино активно работат и на ростерот што ќе конкурира за висока позиција.
Во составот на неготинци ќе игра и левото крило Орхан Емини, кој своевремено беше член токму на Вардар Неготино, а настапуваше и за Риниа. Освен на левата крилна позиција, Емини може да одговори и на плејмејкерската позиција.
Стратегот Аце Станковски претходно ги доби десното крило Мартин Димов, кој дојде од Радовиш, како и средниот бек Јован Атанасовски, кој во Неготино се пресели од штипски Текстилец.
Амбициите на неготинци за претстојната сезона се големи, па се очекуваат уште нови имиња кои ќе го комплетираат тимот што треба да се бори за место во Супер лигата.
Зад проектот во Неготино застанува Општина Неготино, најавена е реконструкција на спортската сала „Младост“, а амбициите на клубот се камбек во елитната конкуренција. Неготинци натпреварите ги играат во салата на гимназијата „Св. Кирил и Методиј“, но се надеваат дека идни суперлигашки средби би можеле да ги играат во салата „Младост“, каде што своевремено играше клубот Повардарие, се играа европски средби, но и квалификациски средби на македонската репрезентација.























