После долги години Прилеп има стабилен ракометен клуб кој има амбиции да биде повторно фактор, да се бори за висок пласман. Последниве две сезони за „влакно“ не успеаја да стигнат до разигрување во плеј-офот, но веќе од следната амбициите се многу повиоски. Прилепчани се едни од ретките што јавно го обелоденија својот актуелен буџет со кој располагаат.
Според претседателот на клубот, Никола Чадамов, сегашниот буџет на Прилеп е околу 250.000 евра со кој се покриваат трошоците за комплетното функционирање, на клубот. Тука се сениорската екипа и плус трите младински екипи кои постојат во рамките на клубот.
„Најголем дел од буџетот го полни главниот спонзор, и плус повеќе помали спонзори. Општината лани помогна со 20.000 евра“, изјави Никола Чадамов, претседателот на Прилеп на гостувањето во локалното прилепско радио – радио Пела.
Чадамов потврди дека за сезонава планот е да се биде прв во плеј-аутот, без размислување.
„Целта е да се биде прв во плеј-аут, првичната цел беше плеј-оф, но имавме падови во играта, двапати имавме добиени мечеви, но одигравме реми, тие беа мечеви на кои водевеме со 5-6 гола, па имавме одличен меч со Бутел, но загубивме. Во плеј-аут нема да биде лесно, но цела е да бидеме први“, смета Чадамов.
Тој потврди дека најпрво ќе се разговара со играчите од актуелниот кадар околу останување во клубот.
„Набрзо ќе се почне со разговарање со играчите кои треба да останат, па и да се размислува и контактираат и засилувања. Тренерот треба да знае со каква екипа ќе располага кога ќе почнат подготовките. Сегашниот тренер Страшо Илиески, ќе биде на кормилото до крај на сезонава, па потоа ќе се разговара за евентуално продолжување на соработката“, потврди Чадамов.
На едно коло до крај на регуларниот дел од сезоната Прилеп е на делба на седмото место, заедно со Пролет. Двете екипи имаат по 17 бода, но Пролет има подобра вкупна гол-разлика. Нивните два меѓусебни дуели завршија со реми сезонава, и поради подобрата вкупна гол разлика Прилеп би требало да стартува во плеј-аутот со 2 бода.
Во последното коло Прилеп е домаќин на Еурофарм Пелистер.