Откако се раздели со Владимир Глигоров, тимот на Борец ФЛ во продолжението од сезоната ќе биде предводен од трофејниот српски стратег, Предраг Петљански, дознава 24Ракомет.
Станува збор за тренер кој покрај другото, е познат по работата со младинските категории, а под чие водство првите ракометни чекори ги имаат направено Добривоје Марковиќ и Марко Вујин (екс Вардар), Жарко Шешум, Бојан Бељански, Маринко Кекезовиќ…додека во Апатин има работено и со Предраг Вејин (екс Металург), Вања Смиљаниќ и Душан Медиќ (екс Тиквеш)…
Петљански започна со тренерската кариера во младинските категории во Синтелон од Бачка Паланка, потоа беше и во Војводина, а кратко го водеше и Спартак Суботица. Беше дел од стручниот штаб на кадетската селекција на Србија на ЕП 2014 и СП 2015.
Работеше во унгарскиот Дунафер, па три сезони во српскиот Апатин, и во 2011 година оди во Ал Нор од Саудиска Арабија. Ги водеше и Ал Мудар, Каитан од Кувајт, Ал Наџма од Бахреин…со кои освои многу трофеи во Азија.
По враќањето од Азија, беше дел од второлигашот Инџија, а сега ќе се обиде да му донесе опстанок на Борец ФЛ во Супер лигата.
Прв предизвик за Петљански на новото работно место ќе му биде гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци во последното коло од регуларниот дел од сезоната, а потоа следува главното и десетте натпревари против Прилеп, Пролет, Куманово, Струга и Радовиш.