Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски ги прими македонските ракометни репрезентативци по настапот на Мундијалот, заедно со новиот претседател на РФМ, Александар Стефанов.
Премиерот Мицкоски им честита за борбеноста, пожртвуваноста и преставувањето на Македонија на ова престижно натпреварување.
„Во име на Владата и во мое лично име, сакам од срце да им честитам на нашите ракометари за одличниот настап и за гордоста што ни ја донесоа со своите храбри игри во Хрватска! Вие повторно покажавте дека со борбен дух, посветеност и заедништво можеме да ги поместиме границите на можностите и да ја претставиме Македонија во најдобро светло. Секој ваш натпревар беше доказ за силата на македонскиот спортски дух. Борбата на теренот, срцето што го оставивте за нашиот дрес и поддршката што ја добивте од македонските навивачи се вистински пример за тоа што значи љубов кон татковината.” истакна пред ракометарите премиерот Мицкоски.
Тој потврди дека македонската експедиција ќе добие премија од 3.000.000 денари, за 1.000.000 повеќе од претходно најавената за настапот на Мундијалот.