Познати деталите за новото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“

Меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во август оваа година ќе го има своето четврто издание, повторно во организација на клубот Охрид и Општина Охрид.

Како и на второто и третото издание, ќе учествуваат осум екипи поделени во две групи, кои ќе се борат за трофејот во СРЦ „Билјанини Извори“.

Турнирот ќе се одржи од 19 до 23 август, а меѓу учесниците ќе биде собран ракометниот крем од регионот и Европа.

Минатата година трофејот покрај езерото го освои екипата на Вардар, која во финалето беше подобра од „сино-белите“ од Автокоманда.