Тимот на Вардар Неготино славеше на гостувањето кај Партизан Гевгелија со 39-37 во натпревар во кој беа доделени пет црвени картони, сите во вториот дел.
Неготинци водеа со три гола во првиот дел, но дозволија домашните да се вратат во игра, во финишот гевгеличани имаа и плус два, но на крајот останаа со празни раце. Поради трето исклучување, црвени картони добија Јовановски и Стојанов кај неготинци, но и Анакиевски кај домашните.
По остри стартови беа исклучени Петров од Вардар Неготино во 49 минута и Велев од Партизан на минута до крајот, кога гостите го правеа пресвртот. Гевгеличани водеа со голот на Пејковски, 37-36, но потоа не погодија ниту еднаш, а за победа на Вардар Неготино се погрижија Пеовски и на два пати Митевски. Во последната минута немаше голови на двете страни и двата бода одат кај гостите.
Најдобар кај домашните беше Илија Пејковски со 19 голови, кои беа премалку за позитивен резултат, додека кај неготинци се истакнаа Митевски со 11 и Пеовски со десет.
Ракометарите на Овче Поле славеа победа против Астраион со 34-29 во натпреварот од 17 коло во Првата лига. По 1-1, домашните доминираа во најголем дел од мечот, водеа во повеќе наврати и со шест гола, па во финишот немаше дилеми околу победникот.
Струмичани успеаја два пати да намалат на минус еден, но кога требаше да „притиснат“ за комплетен камбек, немаа сили да го направат тоа и Овче Поле ги освои бодовите.
Најдобри стрелци кај победникот беа Димитар Минов и Кристијан Стаменков со по осум гола, а Димитар Дечков додаде уште седум. Во составот на Астраион се истакнаа Гоце Аргиров со девет и Христијан Ефтимов со осум погодоци.