По пет порази во серија – Келце конечно најде лек за Висла Плоцк во „Светата војна“

Полскиот вицепрвак Келце по пет порази во серија од Висла Плоцк во сите натпреварувања, успеа да слави над шампионот со 25-24.

Иако во поголем дел од мечот беше во негатива, сепак на крајот избраниците на Талант Душебаев го добија дербито кое во Полска го нарекуваат „Света војна“.

Во последните пет минути Висла влезе со предност 23-22, но Гебала, Олејничак и Каралек успеа да донесат комплетен пресврт, 25-23.

Зарабец погоди за 25-24, голманот на Висла одбрани и за неговите соиграчи останаа дваесетина секунди за реми. Сепак не успеаја да организираат добар напад и победата остана за Келце.

Шичко со седум и Олејничак со четири гола беа меѓу најдобрите поединци кај Келце, додека кај Висла Плоцк се истакнаа Зарабец со десет и Фазекаш со шест погодоци.

Поради подобриот меѓусебен дуел Висла Плоцк останува на првото место, додека Келце ќе биде втор на табелата. Двете екипи имаат по 60 бода, но Висла ќе ја има предноста на домашен терен во евентуална мајсторка во финалето на плеј-офот.