Барса го „краде“ најголемиот словенечки талент – тој има „глава“ на Зорман и Балиќ!

Најголемиот словенечки талент Аљуш Анџиќ, кој во моментов е дел од Целје, од лето би требало да биде дел од големата Барселона, пишува „Handballia“.

Организаторот на играта кој има само 16 години и за кој словенечките стручњаци велат дека „има глава на Зорман и Балиќ“, е син на легендарниот Алеш Анџиќ, тренер на голманите во Целје.

Во моментов Анџиќ е најдобар стрелец со 73 гола на шест натпревари во кадетската словенечка лига, а минатата сезона даде 120 гола на 22 меча.

„Тој не само што постигнува голови, туку дели многу асистенции и ги разигрува соиграчите. Вие може да имате играч што постигнува 15 гола, но ќе потроши 30 удари и не асистира до соиграчите. Но Аљуш ги прави и нив уште подобри, има добар преглед на играта“, вели за „Екипа“, Клемен Лузар за кој беше на клупата на Целје по заминувањето на Тоскиќ, а пред доаѓањето на Переира.

Некогашниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Анже Ратајец, кој сега е асистент во кадетската репрезентација на Словенија исто така подели комплименти за Анџиќ.

„Тој е меѓу најдобрите што некогаш ги имам видено на негова возраст. Мислам дека ќе биде „машина“ како Макуц, Јанц…“, вели Ратајец.

Целје има(ше) план да го приклучи кон првиот тим во следната сезона, но сега прашање е ако Барса го потпише, дали би го оставила да игра во словенечкиот шампионат или ќе сака да го има во „Блауграна“ и да игра за вториот тим на каталонскиот гигант.