Актуелниот шампион Еурофарм Пелистер фуриозно ја започна новата година, откако пред својата публика триумфираше над Куманово со 46-26 во натпревар од 17. коло од суперлигашката конкуренција. На теренот доминираа десните крила Богдан Радивојевиќ и Ненад Костески кои дадоа 11, односно девет гола и беше меѓу најзаслужните за убедливата победа.
Гостите парираа колку што им дозволија домаќините, беа рамноправни во воведниот дел кога во неколку моменти имаа предност, а по водството на Куманово од 4:3, избраниците на Алонсо постигнаа 10 гола во низа, дојдоа до 13:4 и веќе во тој периот го решија натпреварот.
Куманово до крајот на полувреме постигна уште осум гола, домаќините додадоа 12, па така по 30 минути игра, резултатот беше 25:12 во корист за пелистерци.
Вториот дел беше повеќе формалност и полесен тренинг за домашниот табор, кој дополнително ја зголеми разликата за конечни 20 разлика.
Покрај крилата, во битолскиот тим и капитенот Кузмановски постигна шест гола, додека кај Куманово по пет погодоци постигнаа бразилските бекови Да Силва и Хен. Во следното коло шампионот ќе игра на гости кај Охрид, а Куманово ќе се соочи со Пролет.