АНАЛИЗА СП 2025 МАКЕДОНИЈА – ХОЛАНДИЈА: Преголемата желба и нервозата го земаа данокот

Ниту Холандија нè изненади со нешто ново, ниту ние неа можевме да ја изненадиме!

Уште еден тежок натпревар за машката ракометна репрезентација на Македонија на Светското првенство. Уште еден фаворит и беспоштедна борба 60 минути. Нема забелешка за желбата и борбеноста која ја покажаа репрезентативците за да стигнат до позитивен резултат во натпреварот со Холандија. Сметам дека преголемата желба донесе нервоза на теренот, нервозен беше и нашиот стручен штаб и тоа го зема данокот. Покрај тоа некои одлуки на судискиот пар ,во најмала рака, не беа во наша полза, но мора да сме големи и во такви моменти. Ниту Холандија нè изненади со нешто ново, ниту ние неа можевме да ја изненадиме!

Започнавме со фластер на Стејнс, но тоа беше проба на селекторот Лазаров, кој мислеше дека ќе може да го „измести“ холандскиот напад водејќи се од тоа дека овој противник нема квалитетни пивоти кои лесно ќе ја разбираат нашата зона, како што беше тоа случај со Унгарија. Сепак тоа беше ризик затоа што се отвори простор за холандските бекови кои лесно стигнуваа до позиција за гол.

Одигравме уште еден одличен натпревар во напад, во кој постигнавме 32 гола, но видовме дека и една замена која се прави во транзицијата напад – одбрана е кобна за нашиот гол. Ја имавме таа несреќа на ова СП во првото коло да играме со најдобрата одбрана во Европа, а во второто да се соочиме со најбрзата транзиција во Европа. Сепак, 25 минути натпреварот беше во егал и штета што на крајот на првото полувреме Холандија направи серија од 6-0 со која поведе со 17:13. Нашиот селектор повторно 25 минути одлично ротираше, но пет минути беа доволни за противникот да направи предност.

Во второто полувреме се обидовме со дефанзивна линија 6-0 со Маркоски и Стојковиќ во тројка и четворка во одбрана, но не бевме успешни. Пробавме и со Лазаревски и Стојковиќ – повторно не разбиваа, па Лазаров одлучи да игра 5-1 со Џонов. За разлика од првиот натпревар со Унгарија кога имавме поддршка од голманите, на овој меч таа изостана, и со само две интервенции во второто полувреме колку и да сакавме не можевме да бидеме конкурентни. Сепак, бевме во игра 50 минути. Втор натпревар ни се повторува истиот прoблем – немоќни сме со играч повеќе! Тоа мора да го решиме во пресрет на главната рунда. Во такви ситуации постојано играме со два пивоти и сме прочитани од противниците. Мора подобро да се работи на овој сегмент во играта за да се надеваме на победи над Австрија и Катар во продолжението од мундијалот.

И денеска треба да сме горди, репрезентативците изгореа во желбата за позитивен резултат и тоа донесе нервоза. За противникот беа досудени осум пенали само во второто полувреме! Дали беа седмерци или не, тоа е судиска одлука и мора да се игра и кога има таква (не)правда.

Македонија понуди одлично издание во првите два натпревари на СП и она што следи е Гвинеја. Лесен противник против кој треба фаворитската улога да ја потврдиме резултатски, а потоа да се одмориме и да одиме на првата мундијалска победа против една европска селекција (Австрија) што секогаш има големо значење за нас на вакво големо натпреварување.