Машката репрезентација на Македонија во првото коло од групната фаза на Светското првенство одигра реми против силната Унгарија, 27:27, иако можеше да освои два големи бода.
Унгарија со голот на Илиќ го отвори натпреварот, поведе на стартот, а Македонија преку средниот бек Митев бргу возврати за 1:1. Следуваше серија од 2:0 на избраниците на Чема Родрригез, па така ривалот на Македонија дојде до 3:1 во петтата минута.
Младиот репрезентативец на Унгарија, Зоран Илиќ, беше во елемент на стартот и најзаслужен за предноста на неговата репрезентација од 5:2. Сепак, овие три гола на Унгарија нашата репрезентација бргу ги надомести и направи пресврт, односно серија од 5:0 и поведе со 7:5 кон средината на првиот дел.
Кризниот период во Угарија го прекина Фазекаш, кој намали на 7:6, но бргу реализираше Пешевски за 8:6. Во овој период одличен на голот беше Митревски, одбраната не дозволуваше премногу простор за Унгарците и Македонија со расположениот Кузмановски стигна до ,,плус четири” 10:6.
Составот на Родригез успеа да се консолидира, намали на 10:8, а во 22 минута дојде до минус еден, 11:10. Македонија на пет минути пред крајот на првото полувреме ја врати предноста од плус три, дојде до 13:10. Ривалот на Македонија се врати во игра и израмни на 14:14, а со овој резултат се замина и на пауза.
Вториот дел го отвори Унгарија за предност од 15:14, а потоа следуваше игра гол за гол, а во 35 минута беше нерешено, 17:17. Црвен картон, при водство на Унгарија од 19:18, заработи Зита поради удар во лицето на Кузмановски, следуваше израмнување на Македонија на 19:19, потоа искучување заработи и Имре поради удар во лицето на Митревски.
Во 45 минута беше 20:20, додека три минути подоцна Унгарија имаше предност од 23:22. Следуваше игра гол за гол и само нијансии одлучуваа каков ќе биде исходот од големата борба на теренот. Во 58 минута беше 26:26, Кузмановски погоди за 27:26, имавме напад да ставиме точка на големата драма, но Унгарците на десетина секунди пред крајот израмнија на 27:27.
Најефикасен кај Македонија беше Филип Кузмановски со десет погодоци, по три имаа Марко Митев и Мартин Велковски.