Освоија медал на ЕП, но не славеа до зори – следното утро полагаа испити!

Женската селекција на Унгарија пред две недели со победата над Франција со 25-24 во малото финале го освои бронзениот медал на ЕП, но две ракометарки немаа многу време за славење.

Следниот ден по мечот, и тоа рано наутро мораа да полагаат испити. Петра Шимон и Грета Мартон го открија тоа во интервју за унгарските медиуми.

Шимон, која беше прогласена за најдобра ракометарка на ЕП 2024, студира право на Еотвос Лоранд Универзитет во Будимпешта. Во недела се играше мечот со Франција, а Шимон веднаш по мечот со автобус мораше да замине од Виена за Будимпешта, бидејќи испитот и беше од 08:00 часот наутро во понеделникот.

„Навистина сакав да одам да славам со девојките, но морав да се вратам дома веднаш. Пробав да го променам терминот за полагање испит по Конституционално Право, сепак тоа не беше возможно и морав да полагам во 08:00 часот наутро. Не бев многу задоволна од таа одлука, но кога веќе морав да полагам еден испит, решив да закажам уште еден – и тоа по Економија од 10:00 часот. Учам меѓу тренинзите, кога имам слободно време. Тоа ме релаксира. Среќна сум што можам да го ‘тренирам’ мојот мозок, а не само телото. Имав по два дена уште три испити и уште три во јануари. Најтежок ќе биде Римско Право“, изјави Шимон.

Средниот бек на Ференцварош постигна 26 погодоци на ЕП 2024. Нејзината колешка, Грета Мартон, која е на мастер студии по спорт, исто така ден по освојувањето на медалот имаше испит.

„Животот не престанува дури и кога ќе освоите европски медал. Убедена сум дека ќе положам. Се подготвував интензивно за време на ЕП кога имавме слободно време. Петра и јас секогаш се поддржуваме меѓусебно“, изјави Мартон.

Левото крило беше ракометарката со најдобар процент на реализација на унгарската селекција – таа погоди 15 пати од 20 обиди во противничките мрежи.

Двете Унгарки, Мартон и Шимон, покажуваат дека може заедно да одат и спортот и врвното образование, кое е многу важно по завршувањето на спортската кариера.