Селекторот на машката репрезентација на Португалија, Пауло Переира, на поширокиот список пред настапот на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка, смести и двајца ракометари на Вардар.
Тоа се голманот Мануел Еспиња Фереира и десното крило Мигел Пинто, кој се врати на терените и игра солидно.
Еспиња ќе има голема конкуренција меѓу стативите, бидејќи за место се борат Диого Рема од Порто и Густаво Капдевил од Бенфика, кои досега беа во предност, а тука се уште и Диого Валерио и Мануел Гашпар.
На десно крило, Переира досега ги форсираше Педро Портела и Антонио Ареиа, па ќе видиме дали Пинто може да се избори за место во тимот за Мундијалот.
Португалија е во група со Норвешка, Бразил и САД, и ќе има убава шанса да се избори за место во главната рунда на СП 2025.