Драчево без проблеми против Шампион, Текстилец во Ресен се радуваше на втора победа

Ракометарите на Драчево во натпревар од 11. коло од прволигашката конкуренција дојдоа до 6-ти сезонски триумф, откако славеа над Шампион со 41:35.

Избраниците на Велимир Настески беа подобри во речиси целиот натпревар, на полувреме заминаа со предност од 20:13 и рутински го одработија вториот дел.

Предводници во победничката екипа беа Лазар Стојанов и Димитар Петковски, двајцата ракометари постигнаа по девет гола, осум додаде Ѓорѓи Дука.

Кај Шампион се истакнаа Илија Пејковски и Христијан Сибиновски со по седум гола, пет запиша Лео Дамчевски.

Текстилец се израдува на втора победа во тековната сезона, на гостински терен славеше над Преспа Вардар со 28:26 (16:11).

Предводници во победничката екипа беа Филип Џинес со десет и Никола Јованов со осум гола, а двајцата играчи имаа поддршка од Мартин Стефанов, кој имаше шест реализации.

Кај домашниот табор листата на стрелци беше предводена од Иван Костовски, Александар Георгиевски и Димитар Нечовски, сите тројца имаа по пет гола.

Вардар Неготино пред својата публика успеа да го надигра Скопје триумфирајќи со 31:29 (13:13).

Откако беше 29:29 во самиот финиш, домаќините со два гола дојдоа до посакуваната победа, за нив 6-та во прволигашката конкуренција.

Мирослав Митевски беше прво име во победничката екипа со осум гола, седум додаде Петре Пеовски. Кај Скопје се истакна Александар Грујевски со седум гола.

Вториот тим од Автокоманда на гостувањето кај Аеродром дојде до победа од 40:26.

Гостите двата бода ги запишаа веќе во првиот дел, кој го добија со девет гола разлика, 13:22.

Прво име во победничката екипа беше Александар Стојков со девет гола, осум постигна Марко Каркалашев. Во таборот на Астраион се истакна Александар Ристовски со осум гола.