Амбициозниот состав на Охрид вторпат во серија ќе игра на домашен терен и по поразот од тимот од Автокоманда, посакува враќање на победничките патеки.
Ривал на избраниците на Стевче Алушовски ќе биде составот на Радовиш, а десното крило Наум Костов вели дека ниту еден тим не смее да се потцени.
„Мора да им се вратиме на победите. Треба да го отвориме добро натпреварот против Радовиш, да покажеме сила од стартот и да направиме добра атмосфера за потешките натпревари што ни следуваат до крајот на оваа полусезона. Ова е ракомет, не смееме никој да потцениме, секој знае да одигра добро ако го потцениш, тоа треба да го сфатиме. Од сопствено искуство го знаеме тоа во минатото и не смееме да дозволиме опуштање. Сепак квалитетот е на наша страна, подобра екипа сме, но тоа ништо не значи и мора да го докажеме на терен“, изјави Костов.
Натпреварот меѓу Охрид и Радовиш ќе се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 15:00 часот.