„Македонскиот“ Холабрун на максимум во Австрија

|
14:00

Тимот на Холабрун, каде што е тренер е Влатко Митков, а таму играат Филип Арсеновски и Хари Павлов, забележа нова победа во Втората лига на Австрија.

Холабрун славеше против Кремс 2 на гостински терен со 28-27, откако и на полувремето водеше со гол разлика, 15-14.

Голем придонес во победата имаа и десниот бек Павлов, кој даде шест гола, како и кружниот напаѓач Арсеновски кој стрелаше три пати.

Момците на Митков го завршија првиот круг без ниту еден загубен бод, а веќе в сабота ќе се соочат дома со Корнебург.

Холабрун е прв на табелата со 18 бодови и девет победи на девет меча, додека втор е Фиверс Маргаретен 2 со 14 бодови.

Чешка со Јерабкова, Кудлачкова, Шолевова…на ЕП 2024

Автор: Влатко Мирчески
| 19 ноември 2024
19:00

Селекторот на женската репрезентација на Чешка, Бент Дал, го објави списокот пред настапот на претстојното Европско првенство 2024.

Пред настапот на континенталниот собир, Чешка ќе има силни проверки, ќе тестира со Ангола и Шпанија, која исто така е учесник на ЕП.

Норвешкиот стратег за пријателските дуели и за Европското првенство ќе може да смета на искусните Меркета Јерабков (Икаст) Петра Кудлачкова (Злин) Шарлоте Шолевова (Валчеа)…

Чешка ќе има големи шанси да обезбеди пласман во главната фаза, бидејќи се наоѓа во група во која секој може да победи секого.

Репрезентацијата на Чешка за ривали во групната фаза на Европското првенство ги има репрезентациите на Србија, Црна Гора и Романија.

Срдановиќ од пенал му донесе бод на Вардар на Исланд

Автор: Редакција
| 19 ноември 2024
22:24

Марко Срдановиќ со пенал во последната секунда му донесе бод на Вардар на гостувањето на Исланд, играјќи 34-34 против Валург. Можеа „црвено-црните“ и да победат, но и да загубат, а пеналот беше досуден во последните секунди поради намерно играње со нога и задржување време на Јонасон.

Со овој бод, Вардар остана на третото место на табелата, со три бода, но сега веќе нема ни математички шанси дека би можел некако да стигне до втората фаза. за тоа му требаше триумф.
Вардар беше без неколку клучни играчи Вардар. Поради повреди во Скопје останаа голманот Еспиња, пивотменот Лазаревски, бекот Борозан, а имаа и долго патување во Рејкјавик поради лошите авионски лини. Во Исланд незгодно гостување имаше и Порто кој загуби бод, играјќи 27-27.

На Вардар му требаа 40 минути за да поведе првпат на средбата со Валур, кога Марко Срдановиќ погоди за водство 24-23. Можеше Вардар да ја држи таа предност, но при резултат 24-24, Родригез утна контра, а во следниот напад Валур повторно поведе, 25-24. И кратко траеше надежта на Вардар бидејќи она што „црвено-црните“ не успеваа да го реализираат Валур знаеше да го искористи, па во 48 минута водеа со 29-26. Намали Вардар на 27-28, но по голот на Танкоски, тој беше исклучен 2 минути, па повторно разликата беше „плус 2“ за Валур.

Последните девет минути Валург влезе со предност, но после одлична одбрана на Вардар и на Гогов, и тоа со играч помалку, „црвено-црните“ добија шанса, и Коиј израмнува на 30-30 во 53 минута. И пак , со неискористување на шансите, на спротивната страна Валург реализира за „плус 2“ и ново водство, 32-30.

Ако Валур мислеше дека е готово, така не мислеа ракометарите на Вардар, па брзо вратија и израмнија на 32-32, во 57 минута. Добрата серија на Вардар прородлжи, и Јагуриновски на контра по вторпат поведе, со 33-32, по што Валур мораше да бара тајмаут. До крај на средбата остануваа нецели 3 минути.

Брзо реализираше Валург, а во следниот напад голманот Густафосн со својата 15 одбрана му фати топка од крило на Срдановиќ. Откако Густафсон беше исклучен, Валург играше без голман, и погоди за израмнување, 33-33.
Гогов брани тешка и важна топка, со играч помалку по исклучувањето на Мело. и на 80 секунди до крај имаа напад за ново водство. Но, под пасивна игра Јагурновски шутна покрај гол.

На крај Вардар имаше десетина секунди да огранизира напад, но играчите на Валург реагираа неспортски, па судиите покажаа на пенал и директен црвен картон на Јонасон.

Гоце Георгиевски, Мрако Сдрановиќ и Ашраф Маргели постигнаа по 5 гола, а Горига и Петриќ по четири за Вардар. Во тимот на Валург, најпрецизен беше Пордарсн со 11 гола, а Магнусен даде 7.

Спортинг како „брз воз“ – го разнесе ПСЖ!

Автор: Душко Андов
| 20 ноември 2024
22:04

Португалскиот Спортинг Лисабон му нанесе тежок пораз на ПСЖ, иако тоа не се насетуваше по првото полувреме. Францускиот првак беше ослабен на ова гостување без повредениот Пранди, но тоа ниту оддалеку не го оправдува поразот од десет гола разлика, 39-29.

По нерешените 6-6, ПСЖ почна да ја презема контролата на теренот најмногу по заслуга на пивотот Лоредон, кој го менуваше Шипжак на линијата. Тој постигна четири гола во првиот дел, па францускиот тим се одлепи на плус три, 9-6.

Беше и 10-7, но се разигра Салвадор во финишот на првиот дел и португалскиот шампион успеа да израмни на 12-12. Потоа до паузата се играше најчесто гол за гол, а на одморот Спортинг замина со водство, 16-15.

По 19-18 за Спортинг, почнаа да промашуваат француските ѕвезди, Кристенсен блескаше на домашниот гол и предноста на португалскиот тим почна да расте. Серијата на тимот на Рикардо Кошта најпрво беше 6-0 за 25-18 и веќе немаше назад за ПСЖ.

Потоа уште еден налет за 33-24 и јасно беше дека ова ќе биде дебакл на тимот предводен од Раул Гонзалес.

Најдобри стрелци кај победникот беа Мартим Кошта со девет и Ори Торкелсон со седум гола, додека голманот Кристенсен ги излуде гостите и запиша 17 одбрани. Во францускиот состав Холм погоди шест пати, а по пет гола имаа Лоредон и Јахја.

Македонците на Косово во победничко издание

Автор: Влатко Мирчески
| 21 ноември 2024
19:05

Екипата на Раховец, која е предводена од Горан Андоновски, а во која настапува кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, продолжува да биде доминантна во косовскиот шампионат, откако во заостанатиот натпревар од 7. коло славеше убедливо против Лапи.

Раховец оствари победа изразена со дури 32 гола разлика, 52:20. На полувреме избраниците на Андоновски имаа предност од 28:7 и во вторите 30 минути продолжија во ист стил.

По девет одиграни кола, тимот на Раховец се наоѓа на лидерското место со 18 бода, додека неговите најголеми ривали – Беса и Кастриоти имаат четири помалку, односно 14.

На победа во косовскиот шампионат се радуваше Вјоса, тим во кој настапуваат Стефан Кочаров, Синиша Павлов, Обрен Фичуровски, Илија Трпевски и Стефан Димевски.

Вјоса за ривал во 9. коло ја имаше Трепча и со одличната игра во двете полувремина дојде до важен триумф од 43:26.

Кочаров беше меѓу најдобрите стрелци, натпреварот го заврши со шест гола, Павлов и Фичуровски имаа по четири успешни реализации, додека Димевски двапати се запиша во листата на стрелци.

Тимот на Вјоса со новите два бода влезе во игра за 5. позиција на табелата, сега има шест бода, исто толку има и петтопласираната Вуштрија.

Куманово го продаде најдобриот играч

Автор: Душко Андов
| 20 ноември 2024
15:26

Екипата на Куманово ќе ја наполни клупската каса бидејќи договори продажба на својот најдобар играч, Бразилецот Чаио Винициус Де Соуза Мораис кој после Нова Година заминува од клубот. Бекот на Куманово е „прв бомбардер“ и речиси секогаш има двоцифрен број голови зад своето име.

Сакајќи да има поконкурентен тим Куманово ја прифати понудата на Охрид и Винициус се сели покрај езерото. Двата клуба неодамна имаа средба и го договорија трансферот. Охрид ќе добие врвен голгетер, а Куманово ќе донесе неколку други ракометари со кои треба да биде конкурентен во борбата за опстанок.

И лани Куманово имаше слична ситуација, беа без бодови во регуларниот дел од сезоната, а потоа купија дузина играчи, најмногу интернационалци и со „стил“ обезбедија опстанок во елитата. И сега е слично. Тие се на долниот дел од табелата во машката Супер лига.

Кумановци се борат за опстанок и во пролетниот дел би требало повторно да имаат тим со кој ќе може да опстанат. Останува да се одиграат уште 11 кола од регуларниот дел по што првите шест екипи ќе разигруваат за титулата, а другите за опстанок.