Алонсо: Доаѓам на место кое бара многу од еден тренер

Шпанскиот стручњак Раул Алонсо денес официјално беше претставен пред јавноста како нов тренер на Еурофарм Пелистер.

45-годишникот од Мадрид потпиша договор на една и пол година и веќе го одработи првиот тренинг со македонскиот првак.

Новиот тренер на пелистерци на официјалното претставување ги сподели своите импресии.

,,Многу сум среќен и возбуден што сум тука. Имав топло добредојде од сите и ми покажаа дека им е драго што сум тука. Едвај чекам да работам со тимот. Заедно одработивме еден тренинг, на почеток сме на проектот. Среќен сум што сум дел од градот и клубот. Од она што го видов имам многу импресии поврзани со тимот. Има простор за голем напредок и можност екипата да биде во корелација со емоциите од трибините, од овој ракометно историски град”, изјави Алонсо.

Тој испрати порака до симпатизерите на Еурофарм Пелистет и го цитираше Јирген Клоп.

,,Знам дека нашата сала и нашите навивачи се посебни. Ова е ново животно искуство за мене, тимот има потенцијал, но мора и многу да работи. Сакам да им порачам на фановите дека сум среќен што ви се приклучив. Доаѓам на место кое бара многу од еден тренер, но може да кажам само што рече Јирген Клоп: Да создадеме култура во која сомнежите ќе ги претвориме во луѓе кои веруваат. Ние веруваме, мора да веруваме, секојдневно да работиме за да ги задоволиме нашите навивачи. Но, и порачуваме дека и тие ни се потребни, бидејќи со нив имаме еден, дури и два играчи повеќе”. рече Алонсо.

Дебито на Раул Алонсо е предвидено за в среда од 20:45 часот на дуелот со Фредериција во Лигата на шампионите.

📷 Еурофарм Пелистер го промовираше Раул Алонсо