Македонија на “мускули” до стартна радост

Машката сениорска репрезентација на Македонија со победа го започна квалификацискиот циклус за Европското првенство 2026, на свој терен триумфираше против Естонија со 37:33. Победата на Македонија беше обезбедена во последните петнаесетина минути кога „црвено-жолтите“ од 28:28 дојдоа на 32:28 и до крајот ја одржуваа резултатската предност.

Македонија одлично го отвори натпреварот, со головите на Павле Атанасијевиќ и Филип Кузманоски поведе со 2:0 во воведните две минути. Естонија парираше колку што можеше, а избраниците на Кире Лазаров во првите петнаесетина минути наметнаа свое темпо и водеа со три-четири разлика.

Откако Македонија поведе со 9:6, селекторот на гостите мораше да повика тајм-аут, со цел неговите избраници да заиграат поангажирано. Гостинската репрезентација главно преку Карл Том доаѓаше до реализација, па така во 15 минута дојде до минус два, 13:11. За 20 минута беа постигнато вкупно 28 погодоци, a Естонија во 22 минута се доближи на минус еден, 17:16.

Во последните осум минути резултатската „нишалка“ беше 1-2 разлика за Македонија. Репрезентацијата на Естонија во 25 минута имаше напад за реми, гостите погрешија во акцијата, но на три минути пред крајот на првиот дел дојдоа до посакувана цел израмнувајќи на 19:19. По 30 минути игра резултатот беше нерешен, 20:20.

Вториот дел започна со голот на Естонија, која за првпат поведе со 21:20. Од тој период балтичката земја водеше, Македонија израмнуваше, а во 40 минута гостите дојдоа и до плус два, 26:24. Естонија имаше на двапати можност да замине на три гола предност, но Кизиќ не го дозволуваше тоа. По тајм-аутот на Лазаров, нашата репрезентација израмни на 26:26, а откако беше 27:27, Џонов со својот втор гол ја врати предноста на „црвено-жолтите“.

Момците на Лазаров со подобрата игра во одбрана и непогрешливиот Серфаимов дојде до 32:28 во 48 минута и до крајот на натпреварот не дозволија Естонија повторно да направи камбек.

Најефикасен во Македонија беше Мартин Серфаимов со десет гола, по седум постигнаа Филип Кузмановски и Марко Митев. Кај Естонија незадржлив беше Карл Том со 11 гола.