Грција ја доби драмата со Грузија, Финска ја намачи Црна Гора

Денеска со натпреварот меѓу Грција и Грузија започна квалификацискиот циклус за Европското првенство 2026, кое ќе се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.

Грците успеаја победнички да ги започнаат квалификациите, победија против Грузија со гол во последните секунди, 27:26 (12:13).

Меѓу најдобрите во репрезентацијата на Грузија беше членот на Охрид, Теимураз Орјоникидзе, кој зад своето име запиша пет погодоци и подели неколку асистенции кон своите соиграчи.

Грузија на 11 ноември ќе го одигра вториот натпревар, а ривал на избраниците на Тите Каланадзе ќе биде Исланд. Нашиот јужен сосед втората победа ќе ја бара на гостувањето кај БиХ, која има амбиции да се пласира на едно од првите две места во групата.

Црна Гора предводена од новиот селектор Дидие Динар на свој терен потешко од очекуваното славеше над Финска со 29:28. Гостите во Подгорица беа повеќе од рамноправен ривал, се бореа до самиот крај, но во клучните моменти пресуди поголемото искуство на домаќините.

Во составот на Црна Гора настапи членот на Вардар, Вуко Борозан, искусниот лев бек двапати се запиша во листата на стрелците.

Црногорците во 2. коло од квалификациите ќе се соочат со Словачка, а Финска оди на мегдан со Унгарија.

Со победа квалификациите ги отворија Србија и Чешка, кои беа убедливи против Летонија, односно Луксембург. Избраниците на Борис Ројевќ против Летонија, која е предводена од поранешниот српски репрезентативец Давор Чутура, славеа со 38:25, а победата ја обезбедија уште на полувреме кога заминаа со предност од 16:10.

Членот на Еурофарм Пелистер, Урош Борзаш доби солидна минутажа на денешниот натпревар и зад своето име запиша два гола.

Чешка одигра рутински со Луксембург триумфирајќи со 23:17, а за избраниците на  Хавиер Сабате ова беше потежок тренинг пред незгодното гостување кај Белгија.

Квалификации за ЕП 2026, 1. коло, резултати:
ГРЦИЈА – ГРУЗИЈА 27-26
ЧЕШКА – ЛУКСЕМБУРГ 23-17
ЦРНА ГОРА – ФИНСКА 29-28
СРБИЈА – ЛЕТОНИЈА 38-25
19:00 УНГАРИЈА – СЛОВАЧКА
20:00 ФАРСКИ ОСТРОВИ – КОСОВО
20:00 МАКЕДОНИЈА – ЕСТОНИЈА
20:30 ИСЛАНД – БИХ
21:00 ШПАНИЈА – ИТАЛИЈА