Бундеслигашот Мелсунген и стратегот Роберто Гарсија Парондо, без голем број ракометари ќе му гостуваат на исландскиот Валур во Лигата на Европа.
Шпанскиот страгег може да си го дозволи тој луксуз, бидејќи досега има три победи на три меча, но евентуален успех на Валур на овој меч, дополнително ќе ја отежне и така тешката задача на Вардар за прогрес во главната рунда.
На долгиот пат до Рејкјавик заминаа 15 ракометари, а меѓу нив не се повредениот Дармул, како и голманот Небојша Симиќ, крилата Давид Мандиќ и Тимо Кастенинг, пикерот Адријан Сипос, како и бековите Даинис Кристопанс и Ерик Баленсијага.
Ќе дебитира голманот Павел Кравчик, додека десното крило Леон Штехл по дуелот со Вардар, ќе добие шанса и против Валур, а Парондо ќе смета на шест бекови.
Вардар ќе му гостува на Порто. Победа на „црвено-црните“ ќе ги доближи до главна рунда, додека во случај на пораз, ќе останат шансите, но во последните две кола македонскиот тим ќе треба два пати да слави, а Порто два пати да загуби. Доколку Валур направи изненадување против Мелсунген, ќе влезе во комбинација за место во главната рунда.