Скопје освои два важни бода, Металург РА сигурен против Овче Поле

Ракометарите на Скопје во натпревар од 6. коло од второлигашката конкуренција на свој терен славеа над Младост Богданци со 26:24.

За довчерашниот суперлигаш ова беше 4-ти триумф во Втората лига, додека клубот од Богданци го доживеа вториот сезонски пораз.

Домаќините до победата дојдоа со подобрата игра во вториот дел, откако гостите на полувреме имаа плус два, 14:12.

Најефикасен во победничката екипа беше Андреј Тркалевски со седум погодоци, по пет запишаа Лука Лешникоски, Александар Грујевски и Дарко Рангелов.

Во поразениот табор се истакнаа Ѓорѓе Атанасов и Ѓорѓе Ѓуриќ, двајцата ракометари имаа по пет успешни реализации.

По поразот од Еурофарм Пелистер 2, Металург РА им се врати на победите, на свој терен го победи Овче Поле со 30:26.

Домашниот тим победата ја најави уште во првиот дел, кој го доби со шест гола разлика, 16:10.

Листата на стрелци во победничката екипа бше предводена од Џулијано Христоски и Филип Петровски со по осум погодоци, додека кај гостите се истакна Иван Димчевски, кој погод седум пати.