Македонија се бореше цел меч, но повторно остана со празни раце

По поразот од Романија, женската сениорска репрезентација на Македонија денеска беше поразена од Словачка со 29:27 на вториот натпревар на турнирот „Трофеј Карпати“.

Избраничките на Кристијан Грчевски утре, со почеток од 11:00 часот, ќе се соочат со репрезентацијата на Швајцарија.

Македонија преку Седлоска го отвори натпреварот и „црвено-жолтите“ до крајот на првото полувреме одржуваа предност, до 20 минута водеа минимално, а потоа успеаја  да се одлепат.

Резултатот во првите 30 минути дури во 10 наврати беше нерешен, а по нерешените 10:10, македонската репрезентација врза три гола во низа и дојде до плус три во 22 минута, 13:10. До крајот на полувремето се играше гол за гол, а на пауза Македонија замина со предност од 17:15.

Словачка за десет минути игра во вториот дел направи пресврт, откако губеше со 20:18, со четири гола во серија дојде до 22:20 во 40 минута. Македонија иако во 50 минута се врати во игра израмнувајќи на 25:25, сепак, во клучните моменти подобро се снајде ривалот.

Најефикасна во составот на Македонија беше Сара Ристовска со седум погодоци, пет додаде Ивана Гакидова, по три имаа Јована Кипријановска, Ана Марија Коларовска, Симона Маџовска и Јована Саздовска.

Како што е познато, последните тестови пред ЕП 2024, Македонија ќе ги има на „Кроација Куп“ со Србија и Хрватска.

Нашата репрезентација на Европското првенство за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Унгарија, Шведска и Турција.