Марија Николовска има нов клуб во странство

Македонската интернационалка Марија Николовска откако минатата сезона започна кариера надвор од Македонија, има нов клуб.

25-годишната Николовска потпиша за косовскиот суперлигаш Самадреџа, а во овој клуб друштво ќе и прават и трите екс ракометарки на Чаир – Аниса Сали, Севда Озкан и Мариами Микхелидзе.

Николовска, која може да настапува на сите бековски позиции, ланската сезона ја мина во редовите на АЕК Атина и со игрите кои ги демонстрираше беше една од подобрите во грчкиот клуб.

На домашна сцена играше за Чаир, Вардар, Ѓорче Петров и Спартак, додека на репрезентативно ниво некоку пати учествуваше на подготовките во сениорската репрезентација.

Со екипите на Чаир три сезони по ред настапуваше во Европа, поточно во Европскиот Куп и беше една од најдобрите стрелци во нејзиниот поранешен клуб.