Чаир слави – со втора победа над Керженг до трето коло во Европа!

По елиминацијата на Ѓорче Петров и Металург Автокоманда, екипата на Чаир остана единствена што помина едно коло на меѓународна сцена. По победата на гости со 28-26, чаирчанки го совладаа тимот на Керженг и на реванш мечот, овојпат со 32-26.

Гостинките од Луксембург отворија со предност од 2-0, одржуваа егал во најголем дел од првото полувреме, но како одминуваше времето, така избраничките на Басри Љатифи полека ја преземаа контролата.

Имаа и плус четири домашните ракометарки, 14-10, па 15-11, погодуваа Ѓорѓиевска и Диневска во серија, а пред паузата реализираа и Дамчевска и Гулицоска за 17-13. Најопасната кај Керженг, Клодин Менди, погоди во последните секунди за 17-14.

Во вториот дел гостинките се заканија, намалија на минус еден, но Чаир веднаш се врати на безбедни плус четири, 25-21. Којовиќ беше одлична меѓу стативите, Дукоска прецизна и домашните отидоа и на плус пет, 27-22.

До крајот немаше никакви дилеми кој ќе биде победникот на овој натпревар и патникот во третото оло во Европскиот Куп. Најдобри стрелци во тимот на Чаир беа Гулицоска со осум и Диневска со шест гола, додека голманките Митровиќ и Којовиќ комбинираа 17 одбрани.

Ривалот во третото коло, Чаир ќе го дознае по ждрепката во вторник.