Следниот ривал на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, Висла Плоцк, денеска го одигра дерби дуелот со Келце во полскиот шампионат и успеа да триумфира со 29:25.
Избраниците на Талант Душебаев водеа само во воведниот дел, потоа Висла Плоцк имаше контрола на резултатот, на моменти водеше со плус четири, но како се доближуваше крајот, така стануваше сѐ поинтересно.
Во првиот дел судиите имаа многу работа, поделија вкупно 11 исклучувања. Откако беше 18:14 на полувреме за тимот на Хавиер Сабате, во вториот дел Келце даде се од себе за да се врати во игра.
На моменти намалуваше на минус еден, но секогаш кога требаше да го направи вистинскиот чекор, домаќинот не дозволуваше гостите да постигнат гол. Беше 26:25 на неколку минути пред крајот, а тимот на Сабате целосни ги казни грешките на Келце и стигна до победа, која што беше изразена со четири гола.
Висла Плоцк во 5. коло од Лигата на шампионите ќе го пречека Еурофарм Пелистер, потоа во 6. коло ќе игра со Фредериција.