ПОЗНАТИ СОСТАВИТЕ: Ѓорче има „џокери“ – со две засилувања по трето коло, Хорс без најдобриот стрелец

Македонскиот шампион Ѓорче Петров денеска ќе го одигра реваншот од првото квалификациско коло во Лигата на Европа против шведскиот Хорс.

„Лавиците“ од Ѓорче Петров имаат негатива од осум гола, откако загубија на гостувањето во Шведска со 29-21. Европската ракометна федерација ги објави составите на двете екипи, а тренерот Симе Симовски ќе смета на најсилнито ростер за овој дуел.

Покрај летните засилувања во составот ќе бидат уште две нови ракометарки, кои досега немаа настапи. Станува збор за двете репрезентативки на Гвинеја – десното крило Санкон Кадиату и десниот бек Камара Мацире.

За двете ова ќе биде прв настап за Ѓорче Петров во првото интернационално искуство, бидејќи Кадиату има 19, а Мацире 18 години. Нема да игра голманката Слободанка Кицеска, која не настапи и на првиот натпревар.

Во шведскиот тим ќе настапат 14 ракометарки, а во споредба со првиот меч нема да настапи најдобриот стрелец Ема Нухановиќ, која даде девет гола, како и искусниот десен бек Тилда Винберг.

Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Хорс се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.