Еурофарм Пелистер одигра реми со Спортинг Лисабон, 24-24, иако имаше негатива од три гола во последните 70 секунди.
Пелистерци водеа со плус четири 20-16 и може да жалат што не победија, но голманот Никола Митревски, кој беше меѓу најдобрите на теренот, сепак е задоволен од освоениот бод.
„Беше тежок натпревар. Игравме одлично 45 минути, со неколку наши грешки, тие го свртија резултатот во своја корист, но нашата упорност и верба во себе, придонесоа да освоиме бод. Но кога ќе се гледа во целост, мислам дека изгубивме еден бод. Убаво е што освоивме бод, сите имаат заслуги, и сакам да им честитам на сите за пожртвуваната игра“, изјави Митревски.
Следен предизвик за македонскиот шампион ќе биде гостувањето кај Висла Плоцк на 17 октомври.