Николовска: Скандинавските екипи се незгодни, наше е да го дадеме максимумот

Македонскиот шампион Ѓорче Петров овој викенд ќе ја стартува годинешната авантура на европска сцена. За разлика од претходните две сезони, во кои клубот играше во Европскиот Куп, во оваа сезона „лавиците“ ќе бидат дел од Лигата на Европа.

Првата пречка на Ѓорче Петров кон пласман во групната фаза во второто по ранг европско клупско натпреварување ќе биде шведскиот Хорс. Доколку Ѓорче Петров го елиминира Хорс, тогаш за влез во главната фаза од Лигата на Европа ќе се бори со Париз.

Капитенот на Ѓорче Петров, Анастасија Николовска, имаше пофални зборови за екипата на Хорс, истакнувајќи дека шведскиот тим е доста незгоден, кој иако има млади ракометарки, сепак, има квалитет.

,,Овој викенд стартува нашата мисија за влез во главната фаза од Лига Европа. Од старт на оваа сезона ги поставивме нашите цели и се трудиме да работиме на истите во полн погон и да ги опфатиме сите сегменти што се потребни за добра атмосфера и меѓусебна соработка. Сите знаеме дека скандинавските екипи се доста незгодни и добри ривали. Така и екипата на Хорс, располага со добар, млад и квалитетен ростер кој треба да се надмудри и надигра. Нашата задача е секој од нас да го даде максимумот, да го одработиме договореното со 60 минутен фокус, мотивација и борба за секоја топка како прави лавици, па да ја надминеме првата пречка на патот до групната фаза од ЛЕ”, изјави Николовска.

Искусната ракометарка вели дека нејзиниот тим ќе оди чекор по чекор во годинешниот настап на европска сцена.

,,Како што кажав нашата цел е групна фаза во Лигата на Европа, но до тој успех се оди скала по скала. Ако ја поминеме екипата на Хорс, тогаш може да почне другата фаза на подготовки за Париз, кој е сериозна екипа со одлични перформанси, но и има забележителни резултати низ своите настапи во Европа”, вели Николовска.

Ѓорче Петров дел од подготовките за настапот на европска сцена ги мина во Црна Гора, таму имаше пријателски натпревар и заеднички тренинг со учесникот во ЛШ, Будуќност, тим кој е предводен од легендарните – Бојана Поповиќ и Маја Савиќ.

,,Пријателскиот натпревар и тренинг со екипата на Будуќност секако беше од големо значење за нас. Да се видат недостатоците, добрите работи и како функционира екипата и како се носи со тим што игра една скала погоре. Советите од домаќинот секако дека беа присутни и добредојдени, најважно и прифатени од наша страна. Најважно се вративме со искуство плус и појасна слика за нашата игра”, заврши Николовска.

Првиот натпревар со тимот од Шведска е закажан за 6 октомври, додека реванш дуелот за 13 октомври во СЦ „Јане Сандански“.