Најголемото дерби на македонскиот ракомет меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра со навивачи.
Иако последната сезона тоа не беше случај поради нередите од минатото, сепак на овој дуел во Скопје покрај „Комити“, најавени се и околу 200 навивачи од Битола.
„Минатата сезона имавме договор да немаме присуство на гостински навивачи поради тензиите во минатото. Вардар, но и сите други клубови сакаат навивачи во што е можно поголем број. Решивме оваа година да ги удостоиме навивачите на Еурофарм Пелистер да бидат дел од дербито. Преземени се сите мерки заедно со МВР, имавме состанок и со РФМ. Сакам да апелирам дека за нас е многу важно да пренесуваме позитивна слика, ова дерби се следи надвор. Ривалството е потребно, ама се надевам се ќе остане во рамките на спортското и фер навивањето“, изјави Андрија Нунев, тим-менаџерот на Вардар.
Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се игра в сабота во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:45 часот.