Елена Ѓорѓиевска со нова улога во репрезентацијата на Македонија

Капитенот Елена Ѓорѓиевска ќе се прости од националниот тим на Македонија на претстојното Европско првенство, но во меѓувреме ќе има и друга улога во националниот тим.

Таа ќе биде дел од стручниот штаб на селекторот Кристијан Грчевски и ќе се обиде да го пренесе своето големо искуство на останатите ракометарки.

Актуелната членка на полскиот Калиш, којa претходно играше за Магура, Крајова, Баја Маре, Вац, Фехервар, Будуќност, Подравка, Коњалти, како и Стружанка, Металург, Еуростандард ЃП и Кометал ЃП, дебитираше за сениорската репрезентација на Македонија на 14 години.

Ѓорѓиевска настапи на СП 2005 и СП 2007, потоа на ЕП 2006, ЕП 2008 и ЕП 2012, но го пропушти минатото ЕП што се играше во Македонија. Затоа сега ќе има убава шанса да се збогува од репрезентацијата на големо натпреварување.

Македонија го стартува Европското првенство на 28 ноември со дуел против Шведска, па следува натпревар со Турција на 30 ноември и на крај пресметка со домаќинот Унгарија на 2 декември.