Тиквеш и Пролет не реализираа победнички напади – си поделија по бод во трилер натпревар!

Ракометарите на Пролет и Тиквеш си поделија по еден бод во трилер натпревар, кој можеше да го добијат и двете екипи, 23-23. Пролет преку Василевски имаше напад, левиот бек погоди, но судиите Ќаеви го поништија голот поради престап, додека Тиквеш имаше петнаесетина секунди за последен напад, но кавадарчани се сплеткаа ја загубија топката, па немаше време за ништо повеќе и мечот заврши реми.

По десетина минути игра, кавадарчани успеаја да поведат со 6-3, а тоа беше знак за домашниот стратег Александар Јовиќ да побара тајм-аут. Неговите момци заиграа поагресивно во одбраната, Бакар погодуваше во нападот и негативата се стопи, 9-8.

Пролет имаше шанса и за реми, но не погодија, па Обина казни на спротивната страна. Се нижеа грешки на домашните и Тиквеш си ги врати најчестите плус три, 11-8 по дваесетина минути игра.

Kавадарчани пропуштија прилика да стигнат до плус четири, Летиќ направи фаул во напад, потоа остро и во одбрана, па беше исклучен. Тоа го искористи домашниот тим, погодуваше во серија Бакар и Пролет успеа да стигне до реми, 11-11. Не само што израмнија домашните, туку и со серија од 7-1, на пауза заминаа со три гола предност, 15-12, откако Шилегов од тешка позиција успеа да реализира во голот на кавадарчани.

Водеше Пролет и со 18-13, тогаш почна камбекот на Тиквеш, кој намали на 18-17, но не го комплетираше. Велков успеа да врзе неколку одбрани во серија, но и Даскаловски му фати пенал на Димовски, па во последните десетина минути се влезе со 21-20 за Пролет.

Кофилоски израмни, а Тиквеш тргна во напад за водство, но Даскаловски одбрани зицер. И Велков запиша двојна интервенција, а во продолжение имаше по еден гол на двете страни за ново реми, 22-22. Двете екипи имаа шанса да постигнат победнички погодок при 23-23, но најпрво Василевски направи престап, а потоа кавадарчани ја загубија топката во последните секунди и немаше време за нови голови, па и Пролет и Тиквеш си поделија по бод.

Бакар даде седум гола за Пролет, додека Шилегов и Андоновски имаа по пет, а голманот Петковски запиша осум одбрани. Во составот на Тиквеш се истакна Обина со шест гола, а голманот Велков имаше седум интервенции.