Младеновска на 17 години ги постигна првите голови во Лигата на шампионите!

Репрезентативката на Македонија, Ива Младеновска, денеска во Подгорица ги постигна првите голови во Лигата на шампионите.

Ракометниот бисер на Македонија заедно со нејзиниот Брест Бретањ во рамки од 2. коло гостуваа кај Будуќност.

Тимот на Брест Бретањ ја оправда фаворитската улога, триумфираше со 35:22, а на Младеновска денешниот натпревар ќе и остане во најголемо сеќавање.

17-годишната Младеновска доби шанса на теренот и во мрежата на најтрофејниот црногорски клуб реализираше двапати.

Младеновска пред почетокот на ланската сезона од Металург направи трансфер во познатиот клуб од Франција.

Освен натпреварот Будуќност – Брест Бретањ, на денешната програма имаше уште три дуели.

Есбјерг беше убедлив во данскиот двобој против Оденсе, забележа висока победа од 39:30 (22:14), ЧСМ Букурешт пред своите навивачи потешко од очекуваното го совлада Сторхамар со 32:28 (17:15).

Бранителот на титулата, тимот на Ѓер, славеше против Лудвизбург со 31:26 (18:16).