Висок пораз за кадетите на ЕП – Израел и одржа лекција на Македонија!

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби од Израел со 32-25 и ќе игра за пласман на 19 место на Европското првенство. Нашите ракометари беа комплетно надиграни во второто полувреме, а победникот беше решен кон средината, кога македонскиот напад стана безидеен, промашувањата само се зголемуваа, а противникот знаеше како да го казни тоа.

Избраниците на Наум Танески го отворија одлично натпреварот. Водеа со 4-1, па беше и 6-3, но иако имаа и играч повеќе на теренот, дозволија Израел не само да израмни, туку и да го преземе водството по петнаесетина минути, 8-7.

Израелците водеа и со 11-9, но набрзина вративме со два гола за ремми. Двете промашувања на Поповски и Ѓокески беа доволни ривалот одново да отиде на највисоките плус два, а до крајот на првиот дел погоди Ѓокески за минимална негатива.

Со серијата голови на Ѓурмешевиќ и Крстевски, Македонија стигна до водство, 15-14, по пет минути игра во вториот дел, но Израел казни три грешки, поведе со 19-16. Со голот на Ристевски од пенал, нашите ракометари се вратија на минус еден, 19-18, и потоа колата тргна низ брдо.

Се разбрани и голманот Росалби, Израел отиде на плус четири, 26-22, потоа и македонската клупа доби исклучување по реакција на судиска одлука и веќе немаше назад. До крајот на мечот играше само една репрезентација, израелската, која на крајот славеше со убедливи седум гола разлика.

Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Крстевски со шест и Ѓурмешевиќ со пет погодоци, додека голманите Николовски и Христовски комбинираа 11 одбрани. Утре следува дуел со Грција за 19 место на ЕП.