СТРУГА 2024: Шведски ГУИФ најавува – ќе сториме се да играме финале

Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.

Интернационалниот карактер на турнирот во Струга годинава го има со гостувањето на шведскиот тим ГУИФ Ескулстуна и грчки ПАОК. Тимот од Шведска веќе третпат доаѓа на турнирот во Струга, а годинава најавуваат дека ќе сторат се за да стигнат до финалето. Лани завршија како четвртопласирани на турнирот. Во меѓувреме се засилија со неколку ракометари, и ќе се подготвуваат и за влез на Ф4 во шведскиот Куп и да разигруваат за титулата во домашното првенството.

Тимот се засили со Јеспер Нилсен (Алборг), Милорад Бакиќ (Ловќен), Исак Борг (Сковде), Зеб Бјертлунд (Упсала), Ксавиер Мириоди (Силвинг), Оскар Андреасон (Таби). Тренер е Зоран Рогановиќ, поранешен репрезентативец и селектор на Црна Гора, а има настапувано и за Вардар.

„Секогаш е убаво да се биде тука во Струга, да се тренира со тимот, да се играат добри натпревари, и секако да се видиме со нашите стари пријатели. Овојпат ќе ни недостасува Никола Рогановиќ кој со националниот тим на Шведска настапува на ЕП до 18 години во Подгорица. Се додека сум јас тренер на ГУИФ ќе доаѓаме во Струга, зашто ова е едно големо искуство за играчите, и бидејќи ги имаме сите услови за добри подготовки, вели Зоран Рогановиќ, тренерот на шведскиот тим.

 

Годинава ГУИФ ќе биде во иста група со Вардар и Тиквеш. За Рогановиќ тоа се два силни тима, а секако фаворитската улога ја има Вардар.

„Секогаш кога игра Вардар е фаворит, а исто така и Тиквеше е добра екипа. Тоа ќе бидат вистински тестови за нас. Како главни фаворити за финалето се Вардар и Еурофарм Пелистер, но ние секако ќе се обидеме да стигнеме до финалнот меч. Турнирот ни е добра основа з аона што сакаме да го постигнеме во домашното првенство, да бидеме во Топ-6 и да играме на Ф4 во Купот, вели Рогановиќ.

Распоред на натпревари на ГУИФ
15 август: Тиквеш – ГУИФ (20,40 ч.)
16 август: Вардар – ГУИФ (18,30 ч.)
17 август: Меч за пласман.

Дознајте ги сите новости поврзани со 52. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет.

,
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон