Абутовиќ: Среќен сум што со македонски тим одново ќе играм во Лигата на шампионите

По седум години настапи во Вардар и уште шест во Рајн Некар, односно Шарт, српскиот ракометар Илија Абутовиќ, се врати во Македонија.

Тој потпиша договор на една сезона со Еурофарм Пелистер и ќе ги брани боите на македонскиот првак, кој втора сезона по ред ќе биде дел од Лигата на шампионите.

„Многу сум среќен што се вратив во Македонија и што повторно ќе играм во Лигата на шампионите со еден македонски тим. По тоа што го гледам, мислам дека ќе имаме добра и борбена екипа, со два добри голмани. Се надевам дека ќе извлечеме добар резултат во домашното првенство и Лигата на шампионите. Ги читам македонските медиуми, гледам натпревари. Го следев и македонското првенство, не сите, но особено дерби пресметките. Ми се допаѓа што лигата е многу подобра и посилна, делува дека е апсолутно израмнето со четири-пет одлични екипи. Ми делува дека ќе бидеме „тврд орев“ за сите и во Лигата на шампионите, особено дома. Мора да бидеме борбени и се надевам дека ќе направиме нешто добро“, изјави Абутовиќ.

Првите натпревари за Абутовиќ во „зелениот“ дрес ќе се одиграат во Србија, а потоа екипата ќе настапи на турнири во Струга, Болу и Добој.