Покрај екипата на Вардар, во новата сезона од Лигата на Европа, ќе има уште најмалку еден македонски претставник.
Филип Талески и неговата Бенфика се најдоа во групата Ц заедно со швајцарскиот Кадетен Шафхаузен, словачкиот Татран Прешов и победникот од дуелот меѓу францускиот Лимож и словенечкиот Тримо Требње.
Ако Тримо Требње го мине Лимож, тогаш ќе имаме македонски двобој, бидејќи од летово тренер на словенечкиот тим е Раде Стојановиќ.
Трет Македонец во групната фаза од второто по ранг европско клупско натпреварување може да биде Мартин Поповски.
Тој и неговиот тим Амичитија Цирих, ќе играат во квалификациски двобој со домашниот ривал Криенс Луцерн, а победникот ќе се најде во групата А со данскиот ГОГ Гудме, словенечкиот Горење Велење и победникот од дуелот меѓу португалската Брага и шпанскиот Адемар Леон.
Интересно ќе биде во групата Е, каде што покрај Кил се најдоа Нексе и Војдовина, со шпанската Торелавега, а се очекуваат интересни натпревари и во групата Б, каде со францускиот Монпелје и полскиот Горњик, се најдоа уште двата победници од дуелите Силкеборг – Ференцварош и Кристијанштад – Гранољерс.
Првото коло од групната фаза е на 8 октомври.