Некогашниот претседател на тимот на Металург, Ристо Чокрев, на социјалните мрежи се обрати кон сите релевантни фактори во спортот и ракометот во Македонија.
„Дали ќе се дозволи Металург да згасне…“, напиша Чокрев, веројатно мислејќи на вториот тим од Автокоманда, Металург РА, кој се наоѓа во незавидна ситуација според информациите во ракометните кулоари.
Шесткратниот шампион на Македонија и шесткратен освојувач на трофејот во Купот, Металург, беше суспендиран од сите натпреварувања од Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација пред две сезони.
Сегашниот тим на Металург, всушност е вториот тим, Металург РА, кој последните две сезони е дел од прволигашката конкуренција во Македонија.
Чокрев 40 години беше дел од Металург, 20 како играч, а 20 во раководните структури, па затоа и не му е сеедно во каква ситуација се наоѓа тимот од Автокоманда. Во јануари 2015 година, кога е „почетокот на крајот“ на Металург кој блескаше во Европа, тој заминува од клубот.
„Дали ракометниот клуб Металург, повеќекратен шампион на Македонија со завиден успех на меѓународна сцена, со долга традиција со голема ракометна историја, со илјадници фанови и симпатизери, да се дозволи тек така да згасне и да оди во заборав“, напиша Чокрев.