По две децении во ракометот, по завршувањето на сезонава, левиот бек Дејан Пецаковски одлучи да стави крај на кариерата. Битолчанецот со исклучок на шестмесечната авантура во туниски Африкан, целата своја кариера циркулира на македонско тло како дел од суперлигашите Пелистер, Вардар, Металург, Зомимак/Макс Струмица, додека последниве години беше играч на Пролет, кој достојно го испрати во играчка пензија. Тој има оставено белег во секој од овие клубови, а она на што е посебно горд се настапите во националниот тим во кадетска и младинска конкуренција, но може да се пофали и со едно големо натпреварување со А тимот – Европското првенство во 2014 во Данска.
Повредите и шестте операции на колената на кои подлежи во текот на кариерата се главната причина поради која не успева да изгради интернационална кариера. Ракометот е љубов од која никогаш не се откажал, и секогаш успевал да се врати посилен. Дури за да си ја продолжи играчката кариера во последниве години направи и трансформација од лев бек во класичен дефанзивец.
Дваесет години во ракометот го научиле многу, но и сите животни искуства кои ги имал попатно му биле лекција, а овој период на транзиција за Пецаковски ќе биде уште еден во низата во кои како што сака да каже се „себеспознава“. Семејството му е најголема поддршка, а синовите главна инспирација и мотивација, и тие му се приоритет.
„Две децении во ракометот те учат на дисциплина (пред сè), на правилна и коректна борба, на тоа да се биде тимски играч и секако на носење одговорност“, потенцира Дејан Пецаковски.
За деталите од животот и кариерата на Пецаковски, читајте во викенд-интервјуто со 24Ракомет.