Младинската женска репрезентација на Холандија со бронзен медал си заминува од Скопје, откако славеше во битката за третото место против Данска со 34-28.
Холанѓанките уште од стартот го контролираа текот на натпреварот и во првиот дел имаа предност од три до шест гола.
Во второто полувреме комплетно го надиграа противникот и не дозволија никаков камбек на скандинавската селекција.
Ова е втор бронзен медал по ред на младинските Мундијали за „лалињата“, кои во Македонија загубија само еден меч, оној во полуфиналето против Унгарија.
Португалија стигна до најголемиот успех во оваа генерација и го освои петтото место со триумфот над Шведска со 26-25, додека Исланд е седми откако славеше против Швајцарија со 29-26.