Ракометарите на Алборг остварија голема победа во полуфиналето на Лигата на шампионите и со победата од 28-26 го елиминираа европскиот првак Магдебург. Во финишот Ландин имаше две клучни одбрани, Хоксер и Бартолд погодоија и данскиот првак оди во мечот за злато.
Во првото полувреме не успеа ниту една од екипите да направи предност од два гола! На пауза беше 11-11, а имаше исто толку израмнувања на резултатот. Ландин не успеа да ги покаже своите квалитети, па беше заменет по петнаесетина минути игра, а вториот голман Норстен собра набрзина неколку одбрани.
Сепак и Хернандез беше добар на спротивната страна, па ниту Хансен, кој не играше премногу, не можеше да погоди од пенал. Како заврши првото, така продолжи второто полувреме – максимално израмнето.
По десетина минути игра, О’Саливен стартуваше остро над шутерската рака на Арнолдсен, па сестрите Бонавентура му доделија директен црвен картон. Се заостри играта во продолжението од мечот, па имаше и повеќе седмерци, кои ги реализираше најчесто Магнусон.
Хансен заигра подобро и го држеше Алборг во егал натпревар. Во последните десетина Ландин се врати на голот на данскиот тим, Алборг најчесто ја имаше предноста, но Магдебург секогаш израмнуваше.
По 26-25, Ландин му застана на патот на Магнусон, потоа Хоксер реализираше на истекот на претпоследната минута за првпат плус два за Алборг. Магнусон намали, но Бартолд стави точка на мечот со голот за 28-26 и пласман во финалето.
Хоксер имаше осум гола, Бартолд додаде уште шест, додека Ландин застана на три одбрани, но сите беа важни во финишот. Во составот на Магдебург, стандардно Магнусон блескаше со десет гола, Муше и Клар имаа по четири, додека голманот Хернандез забележа девет одбрани.
Ривал на Алборг во финалето ќе биде победникот од дуелот меѓу Барса и Кил, додека поразениот ќе игра со Магдебург.