Поранешниот шампион на Европа, Будуќност, го претстави тимот за новата натпреварувачка сезона 2024/25. Црногорскиот првак, кој главно се потпира на домашни ракометарки, во новиот состав ќе има дури 14 репрезентативки на Црна Гора.
Раководството на клубот од Подгорица правеше големи напори да создаде поконкурентен тим за Лигата на шампионите, па така во составот на Бојана Поповиќ ќе пристигнат осум засилувања. Од следната сезона дресот на Будуќност повторно ќе го облечат трите црногорски репрезентативки, Ѓурѓина Јауковиќ, Нина Булатовиќ и Јелена Деспотовиќ.
Во Будуќност ќе дојдат уште Русинката Валерија Кирдашева, Швеѓанките Џени Карлсон и Клара Даниелсон, Французинката Аисату Кујате и Норвежанката Сакура Каметани, која брани за репрезентацијата на Јапонија.
Будуќност во сезона 2011/12 и 2014/15 ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите. По освојувањето на последната титула, црногорскиот шампион започна да го губи чекорот со најдобрите европски екипи.
Во штотуку изминатата сезона Будуќност во европската елита не успеа да ја помине групната фаза, заврши на претпоследното место во својата група.