Ракометарите на Еурофарм Пелистер со работен состанок ги започнаа подготовките за претстојната сезона во која ќе бидат активни на четири фронта.
Новиот тренер на екипата, Лино Червар, им се обрати на ракометарите, им го претстави планот на подготовки и им посака добро здравје и успешна сезона.
Во Битола дојдоа осум нови ракометари – десните крила Едвин Џелиловиќ и Ненад Белистојаноски, левиот бек Малик Татар, средните бекови Алекса Колаковиќ, Миха Котар и Омар Мехмедовиќ, како и десните бекови Диего Басанесе и Мартин Серафимов.
Од Еурофарм Пелистер заминаа Усама Хосни, Дејан Манасков, Алем Хаџиќ, Богдан Радивојевиќ, Домен Тајник и Илија Абутовиќ.
Екипата денеска ќе има заедничка вечера за почеток на сезоната, а во текот на првите два дена ќе бидат реализирани и медицинските тестови.
Пелистерци првата недела ќе работат во Битола, а потоа ќе заминат на базични подготовки во Словенија.
























