Капитенот Кузмановски испрати силна порака: Ќе ја радуваме битолската публика!

Капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски, се очекува и претстојната сезона да биде лидерот на битолчани.

Тој на првиот тренинг на екипата ги откри очекувањата од претстојната сезона, а кратко се наврати и на минатата во која битолчани му го препуштија тронот на Вардар.

„Среќен сум навистина што останав во мојот матичен клуб, љубовта е голема кон мојот град, сакам да бидам меѓу нашите омилени навивачи. Мислам дека оваа сезона ќе биде поуспешна од минатата, иако минатите години имавме некои забележителни резултати. Ќе се потрудиме оваа сезона да ги повториме добрите резултати. Имаме многу нови играчи, со кои ќе мора да се воиграме, а и тие ќе треба да се адаптираат. Со доаѓањето на Лино Червар, мислам дека сите играчи ќе имаат мотив повеќе и често ќе ја радуваме битолската публика, која знае ракомет многу и секогаш ни дава максимална поддршка. Секој играч ќе биде максимално мотивиран. Червар ќе бара , огромна, максимална посветеност и борба за секоја топка во нападот и одраната. Ќе бидеме различен тим од лани, се надевам дека ќе бидеме одлични и во напад и во одбрана. Ќе имаме жар во текот на целиот меч“, вели Кузмановски.

Заминаа шестмина, но дојдоа нови осуммина ракометари во тимот на Еурофарм Пелистер, а капитенот се надева дека сите сфаќаат колкава тежина има битолскиот дрес.

„Жалам за некои играчи што заминаа летово, со нив бевме заедно неколку години и создадовме една прекрасна атмосфера во тимот. Спортот и животот се такви, ќе ни останат убавите работи во сеќавање. Сега вртиме нов лист и со оние што останаа ќе мораме да создадеме нов успешен колектив, ќе имаме здрава средина, па тоа ќе биде клучот за успехот. Овој дрес тежи и создава притисок, но тоа треа да го преточиме во позитивна насока. Не е лесно да се игра за Еурофарм Пелистер, треба секогаш да се дава максимумот. Лигата станува многу посилна, има неколку екипи што се борат за шампионскиот трофеј, па затоа ќе мораме до крај да се бориме на секој меч. Нема лесен натпревар, особено во плеј-офот, но нашите мисли се само на нас, а не на другите, и чекор по чекор ќе се потрудиме да ги оствариме планираните цели“, заврши Кузмановски.

Битолчани ќе се подготвуваат дома, па ќе заминат во Словенија, каде ќе имаат три контроли, пред стартот на Регионалната лига и дуелите со Партизан, Ловќен и Дубочица Лесковац.