Червар без дилеми: Во Битола дојдов да оставам последен голем печат!

Некогашниот македонски селектор и тренер на Металург, Лино Червар, одново ќе работи во нашата земја, но сега во Еурофарм Пелистер.

Искусниот Хрват откри дека во Битола ќе биде крајот на неговата кариера и дека знае во каков град и клуб доаѓа.

„Moрам да кажам дека чест ми е што сум тука и што го тренирам Еурофарм Пелистер пред крајот на кариерата, и мило ми е што сум во мојата втора татковина. Еурофарм Пелистер знам кој е, клуб со традиција. Уште кога бев во Умаг во југословенската лига играв против Пелистер и се сеќавам дека Манасков тогаш ни беше голем проблем. Многу сум амбициозен и ќе дадам сѐ од себе Еурофарм Пелистер да биде конкурентен. Малку посилно ќе работиме, а целта е Еурофарм Пелистер да добие препознатлив идентитет, свој имиџ. Секој од нас мора да го даде максимумот. Јас како тренер морам да бидам пример, да се борам заедно со екипата и да направам сѐ што можам Еурофарм Пелистер да биде успешен“, изјави Червар.

Пелистерци ќе се подготвуваат дома, па ќе заминат за Словенија на десетдневни подготовки, каде ќе имаат три контролни средби.

„Имаме три натпревари, еден од нив е со репрезентацијата на Катар, вториот е против Крка од Словенија, а имаме уште еден контролен натпревар со словенечки прволигаш, па ќе дојде и Регионалната лига. Мораме да бидеме подготвени, бидејќи уште во првото коло нѐ очекува тежок испит во Охрид. Најважно е играчите да ја разберат идејата што сакам да ја имплементирам и што побрзо да ја прифатат. Имаме многу работа, а времето не е долго“, продолжи Червар.

Тој верува во ростерот со кој располага.

„Секогаш се водам од тоа дека прво мора да ја сакаш работата што ја работиш. Секој тренер би сакал да ги има најдобрите играчи, но кога ги немаш, мора да го сакаш тимот што го имаш. Јас верувам во оваа екипа и убеден сум дека ако сите во клубот функционираме како едно семејство, можеме да направиме успешна сезона, па времето ќе покаже како ќе биде“, заврши Червар.

Битолчани на 23 август ќе играат дома со Партизан, а потоа ги чекаат уште две средби со Ловќен и Дубочица Лесковац, исто така во Регионалната лига, пред стартот на Супер лигата.