Ракометарите на Прилеп во најважниот сезонски натпревар успеаја да дојдат до победа и да го сочуваат суперлигашкиот статус за следната сезона.
Прилепчани во рамки од последното, 14. коло од плеј-аут фазата пред домашната публика славеа над Еурофарм Пелистер 2 со 31:24 и го осигураа првото место, кое им донесе директен опстанок во најквалитетното натпреварување во Македонија. Еурофарм Пелистер 2 ќе игра бараж со Радовиш и ќе мора да победи за во иднина да се натпреварува со најдобрите македонски клубови.
По минималната предност на гостите во воведниот дел, домаќините влегоа во брзина, започнаа постепено да се одлепуваат, се разбрани Ангелески, одбраната функционираше беспрекорно, па така избраниците на Божидар Мојсов по 15 минути игра имаа предност од плус пет, 11:6.
Младите битолчани тешко го наоѓаа патот до мрежата на домаќинот, најчесто преку крилата доаѓаа до израз, но никако не можеа да го совладаат одличниот Ангелески.
Во 20 минута предноста на Прилеп беше 12:8, а пет минути подоцна, односно во 25 минута, разликата беше непроменета, домаќините имаа 14:10. До крајот на полувремето двете екипи постигнаа по уште два гола, а на пауза домаќинот замина со активен резултат од 16:12.
Првиот гол во второто полувреме го постигна гостинскиот тим во 35 минута, додаде уште два во низа и намали на 16:14 во 37 минута. Домашниот тим излезе од малата криза, бекот Андраде успеа да го совлада Печурица зголемувајќи на 17:14, а во следната акција реализираше и Велески за 18:14. До финишот, составот на Мојсов имаше солидна резултатска контрола и во ниту еден момент не дозволи битолскиот тим да има било какви шанси за камбек.
Најефикасни во победничката екипа беа Христи Бикоски и Никола Цветаноски со по седум погодоци, пет додаде Денис Шабановиќ. Во поразениот табор прво име беше Мирче Калајџиоски со шест реализации.