Ракометарките на Вардар ја продолжија победничката серија во Женската лига, откако на гостувањето во Прилеп кај Деспина триумфираа со 31:22.
Прилепскиот тим парираше во воведниот дел, добро се држеше до 4:4, потоа „црвено-црните“ започнаа постепено да се одлепуваат и на полувреме заминаа со активен резултат од 13:6.
Во вториот дел до израз дојде квалитетот меѓу двете екипи, избраничките на Платон ја подобрија играта во одбраната и дојдоа до поголема разлика.
Една од најзаслужните за високата победа на скопскиот тим беше голманката Андреа Илиќ со 12 интервенции.
Предводнички во нападот на некогашниот македонски шампион беа Симона Василева и Леона Миленковска, двете ракометарки постигнаа по шест погодоци.
Во составот на Деспина се истакна Ангела Камческа со седум погодоци, по четири запишаа Сања Цветкоска и Мери Гичева.